Постојат повеќе темпераменти од раѓање. До сега се опишани девет. Д-р Стела Чес и д-р Александар Томас спровеле истражување чиишто резултати нѐ доведуваат до тоа сознание. Податоците ги објавиле во својата книга „Темпераментот и пореметувањето во однесувањето кај децата“. (Temperament and Behavior disorder in Children, New York Univ. Press, 1968 by Stella Chess и Alexander Thomas).

Оваа книга е класика и дава голем придонес во светот на наукате за однесувањето. Таа подетално објаснува, зошто децата имаат индивидуални особини и помага во давањето одговор на следниве прашања:

– Зошто некои деца се полесни за воспитување од другите?

– Зошто некои деца се пољубезни, па со нив полесно се излегува на крај?

– Зошто децата, воспитувани во исто семејство или во слични околности, можат да бидат толку различни?

Д-р Чес и д-р Томас покажале дека за тоа какво ќе стане детето, не одредува само опкружувањето во домот, туку и личните црти во карактерот на самото дете. Тоа сознание одиграло важна улога во ублажувањето на неправедните обвинувања на сметка на родителите чиишто деца имаат проблеми со однесувањето. Жално е мислењето на многу луѓе (вклучувајќи ги и експертите) кои ги обвинуваат исклучиво родителите за сѐ што е поврзано со нивното дете. Истражувањето на д-р Чес и д-р Томас покажува дека некои деца се посклони на проблематично однесување од други.

Да се запознаеме накратко со нивното истражување. Тоа опишува девет темпераменти кои можат да се препознаат кај новороденчињата. Овие темпераменти не се само наследени (присутни веднаш по раѓањето), туку се основни особини на детето. Темпераментите се длабоко вкоренети во целокупната личност на детето, не се менуваат лесно и можат да опстанат низ целиот живот. Да ги погледнеме тие наследни темпераменти.

  1. Нивото на активност е степен на моторичката активност која детето наследно ја поседува и одредува колку тоа е активно или пасивно.
  2. Ритмичноста (правилност наспроти неправилноста) е предуслов на функциите како што се гладтта, ритамот на хранење, излачување и циклусот на спиење и на будност.
  3. Прифаќање или одбивање се однесува на детскиот одговор на нови поттикнувања како што се нова храна, игрчка или личност.
  4. Прилагодливост е брзина и леснотија со која моменталното однесување може да се модифицира како одговор на разни опкружувања.
  5. Интензитетот на реакцијата е количината на енергија која се употребува во изразување на расположението.
  6. Степенот на чувствителност е степен на интензитетот на поттикнувањата кој е потребен за реакција.
  7. Квалитетот на расположение (од позитивно до негативно): живо, пријатно, весело, пријателско – а наспроти: непријатно, плачливо, непријателско однесување.
  8. Растроеноста го открива влијанието на надворешното опкружување во идното однесување.
  9. Распонот на вниманието и упорноста – должината на времето во кое детето ја врши активноста и траењето на активностите и покрај пречките.

Како што најверојатно сте забележале, третиот, четвртиот, петиот и седмиот темперамент се најзначајни во одредување какво ќе биде детето за воспитување и грижа – лесно или тешко.

Дете со висок степен на реакција (високо „емотивно“ );

Дете кое ќе се повлече во новата ситуација;

Дете кое има проблеми во прилагодувањето на новите ситуации (не ја прифаќа промената) или

дете кое секогаш е лошо расположено.

Овие деца се прилично ранливи на стрес, особено на високите очекувања на родителите. А возрасните, за жал, на таквите деца им подаруваат помалку љубов и внимание.

Служејќи се со овие девет темпераменти д-р Чес и д-р Томас одредуваат многубројни параметри во проценување на новородените деца. Од овие податоци тие можеле јасно да предвидат кои деца ќе бидат „полесни бебиња“, т.е. деца околу кои грижата ќе биде лесна, со кои ќе биде лесен односот и кои лесно ќе се воспитуваат. Децата пак, со кои е тешко да се воспостави однос и кои тешко се воспитуваат се наречени „тешки бебиња“. Тие деца ќе бараат повеќе од своите мајки отколку „лесните бебиња“.

Потоа, д-р Чес и д-р Томас споредиле како децата напредуваат според типот на мајчинство кое го примиле. Тие ги проучувале бебињата со „мајките негователки“ (мајките кои ги сакале своите деца и кои биле способни да им обезбедат средина полна со љубов во која децата се чувствувале прифатени). Овие двајца истражувачи исто така ги проучувале и „мајките не-негователки“ (мајките кои свесно или потсвесно ги отфрлале своите бебиња или не биле способни да им обезбедат средина во која децата ќе се чувствуваат прифатени и сакани).

„Мајките негователки“ имале неколку проблеми со „тешките“ бебиња, но тие ситуации биле позитивно надминати. Колку што повеќе средината била полна со љубов, која ја создале нивните мајки, толку повеќе тие деца напредувале.

„Лесните бебиња“ кои имале „мајки не-негователки“ генерално не напредувале толку добро, тие имале повеќе проблеми од комбинацијата на„тешките бебиња“ и „мајките негователки“. Нивните искуства биле повеќе негативни отколку позитивни.

Како што најверојатно насетивте, „тешките бебиња“ со „мајките не-негователки“ биле најнесреќни. Тие кутри деца биле во толку тeшки ситуации што се наречени деца „со висок ризик“. Состојбата на овие деца го крши срцето. Тие се во опасност од сѐ, од злоставување до напуштање. Тие навистина се деца со висок ризик.

Затоа, ако сите тие скапоцени податоци ги здружиме, ќе почнат да се појавуваат исклучително важни факти. Како ќе се снајде детето во светот, не зависи само од опкружувањето и родителството. Основната наследна особина на секое дете има силно влијание на неговиот развој, напредок и созревање. Овие црти на карактерот исто така влијаат и одредуваат колку е лесна или тешка да грижата за детето и колку многу напори ќе бара од неговите родители.

Следната важна лекција која родителите можат да ја научат е дека и покрај типот на наследниот елемент кој детето го поседува, типот на мајчинството (и таткоството) е поважен во одредување на напредокот на детето. Иако „тешкото дете“ е потешко да се одгледува, типот на емотивна нега има поголемо влијание во одредување на крајниот резултат. Родителството може да влијае во промената на овие наследни темпераменти, или на позитивно, или на негативно.

Најважно е да најдеме одговор на прашањата: „Како најдобро да се поставиме кон своето дете за тоа да напредува на најдобар начин?“ и „Како на детето да му се пружи емотивна нега која толку му е потребна?“

Факт е дека повеќето родители имаат чувство на љубов кон своите деца. Сепак, погрешна е претпоставката дека таа љубов (кога веќе постои) сама по себе се пренесува од родителите на децата. Токму тоа е најголемата грешка на денешницата. Повеќето родители не ја пренесуваат својата искрена љубов на децата само затоа што не знаат како да го направат тоа. Од таа причина, многу деца не се чувствуваат целосно, безусловно сакани и прифатени. Ова е најчестиот проблем со кој децата денес се соочуваат. Ако родителите немаат основен однос на безусловна љубов кон децата, сѐ останато во животот на децата (дисциплината, пријателските односи, училиштето…) ќе се заснова на погрешни темели и порано или подоцна ќе настанат проблеми.

Најважно е да ги откриеме значајните основи за изградба на однос полн со љубов.

Pin It on Pinterest