Учење на Библиски стихови на памет
Исус рекол: „Ако останете во Мене и ако Моите зборови останат во вас, барајте што и да посакате, и ќе ви биде.“ (Јован 15:7 ; Библија) Да ги имаме Исусовите зборови во нас значи дека тие играат централна улога во нашиот живот. Но, тоа не е случај само со зборовите кои Исус ги изговорил, туку и со целиот Божји Збор – Библијата. Тоа значи постојано да го читаме Божјиот Збор, да размислуваме и да се молиме за она што го читаме и да му дозволиме на Бог да ни помага да живееме во склад со тоа. Но постои и уште еден многу поважен аспект кој се однесува на тоа Исусовите зброви да „останат во нас“ – учењето на Библиските стихови на памет. Еден од најважните аспекти на еврејското образование во минатото, било учење на Божјите зборови на памет. Историјата ни потврдува дека и многу други христијани низ историјата го применувале ова начело. Со сигурност знаеме дека таков бил случајот со Валденжаните, кои напамет учеле големи делови од Библијата. Користејќи ги овие принципи тие се обиделе да ги втиснат Божјите зборови во срцата на младите. Од најраното детство младината била запозната со Библијата и била поучувана да ги сметаат за свети изјавите од Божјиот закон. Копии на Библијата биле реткост, па според тоа им останувало нејзините драгоцени зборови да ги учат напамет – да ја поседуваат Библијата „внатре во себе“. Мнозина биле во можност да рецитираат големи делови од Стариот и од Новиот Завет. Не е ни чудо што овие мажи, жени и деца биле духовни џинови. Божјиот Збор бил врежан во нивните срца и умови и тоа им давало сила да останат верни на Бога, дури и во најтешките ситуации низ кои поминале.
Издвојуаме одреден број на Библиски стихови како предлог за истите да се учат на памет:
Твоето слово е светилка на мојата нога и светлина на мојата патека.
(Псалам 119:105 ; Библија)
Целото Писмо е од Бога вдахновено и е полезно за поука, за изобличување, за поправање и за воспитување во правдата.
(2 Тимотеј 3:16 ; Библија)
Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот.Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него.
(Јован 3:16-17 ; Библија)
За нашите престапи беше прободен, сотрен, за нашите беззаконија. Казната за нашиот мир падна врз Него, преку Неговите рани ние се исцеливме.
(Исаија 53:5 ; Библија)
Исус му рече: „Јас Сум Патот, и Вистината, и Животот. Никој не доаѓа при Татко Ми, освен преку Мене.
(Јован 14:6 ; Библија)
Исус Христос е ист вчера, и денес, и довека.
(Евреите 13:8 ; Библија)
Зашто по благодат сте спасени, преку верата, и тоа не е од вас самите – тоа е Божји дар! Не од делата, за да не се фали некој.
(Ефесјаните 2:8-9 ; Библија)
Зашто смртта е плата за грев, но благодатниот Божји дар е – вечен живот во Христа Исуса, нашиот Господ.
(Римјаните 6:23 ; Библија)
Зашто, ако сме помирени со Бога преку смртта на Неговиот Син, додека бевме непријатели; толку повеќе – веќе помирени – ќе се спасиме во Неговиот живот. 11 И не само тоа, туку и се фалиме со Бога преку нашиот Господ Исус Христос, преку Кого добивме сега помирување.
(Римјаните 5:10-11 ; Библија)
И така, ако е некој во Христа, тој е ново создание; старото помина, ете: сè стана ново.
(2 Коринтјани 5:17 ; Библија)
Зашто, немаме првосвештеник кој не може да сочувствува со нашите слабости, туку Кој бил искушуван во сè како нас, освен гревот. И така да пристапуваме смело кон престолот на благодатта, за да примиме милост и за да најдеме благодат, за помош, во време на потреба.
(Евреите 4:15-16 ; Библијата)
Но знаеме дека сите работи содејствуваат за добро на оние, кои Го љубат Бога, кои се повикани по Неговата намера
(Римјаните 8:28 ; Библија)
Зашто сум уверен дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни силите, ни височината, ни длабочината, ниту некое друго создание, ќе може да нè оддели од Божјата љубов, која е во Христа Исуса, нашиот Господ.
(Римјаните 8:38-39 ; Библија)
Еве, стојам на вратата и чукам; ако некој го чуе Мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене.
(Откровение 3:20 ; Библија)
Ако ги исповедаме своите гревови, Тој е верен и праведен: да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секоја неправда.
(1 Јованово 1:9 ; Библија)
Никакво искушение не ве постигна, освен човечкото. А Бог е верен и не ќе дозволи да бидете искушувани над вашите сили, туку заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да го издржите.
(1 Коринтјани 10:13 ; Библија)
Господ не го забавува тоа што го ветил, како што некои мислат за тоа бавење, туку го покажува Своето трпение кон вас, зашто не сака некој да пропадне, туку сите да дојдат до покајание.
(2 Петрово 3:9 ; Библија)
”Дојдете при Мене сите, кои се трудите и сте обременети, и Јас ќе ви дадам одмор. Земете го Мојот јарем на себе и научете се од Мене, зашто Јас сум кроток и понизен по срце; и ќе најдете одмор на своите души; зашто Мојот јарем е пријатен и Моето бреме е лесно.”
(Матеј 11:28-30 ; Библија)
Зар не знаеш? Зар не си чул? Господ е вечен Бог, Творец на земните краишта. Тој не се заморува, не постанува, и Неговиот ум е неизмерлив.
(Исаија 40:28 ; Библија)
Но на оние кои се надеваат во Господа, силата се обновува, им растат крилја како на орлите, трчаат и не постануваат, одат и не се уморуваат.
(Исаија 40:31 ; Библија)
Господ ми е светлина и спасение, од кого да се плашам? Господ е штит на мојот живот, пред кого да треперам?
(Псалм 27:1 ; Библија)
Зашто Јас ги знам Своите замисли за тоа што имам намера со вас – зборува Господ – замисли за мир, а не за несреќа: да ви дадам иднина и надеж.
(Еремија 29:11 ; Библија)
Сета твоја радост нека биде во Господа: Тој ќе ги исполни желбите на твоето срце! Предај Му ги на Господа своите патишта, надевај се на Него, и Тој ќе води сè.
(Псалм 37:4,5 ; Библија)
Надевај се на Господа со сето свое срце и не се потпирај врз сопствениот разум. Мисли на Него на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки.
(Пословици 3:5,6 ; Библија)
Сè можам преку Христа, Кој ми дава сила.
(Филипјаните 4:13 ; Библија)
Но бидете извршители на Словото, а не само слушатели, кои се измамуваат себеси.
(Јаков 1:22 ; Библија)
Што и да правите, правете го од душата како за Господа, а не за луѓе.
(Колосјаните 3:23 ; Библија)
И така, покорете Му се на Бога; а противите се на ѓаволот и ќе побегне од вас.
(Јаков 4:7 ; Библија)
Впрочем, браќа, сè што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е на добар глас – ако е некаква добродетел, ако е некаква пофалба – мислете на тоа!
(Филипјаните 4:8 ; Библија)
А Царот ќе им одговори: ‘Вистина ви велам, доколку му направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене Ми направивте.’
(Матеј 25:40 ; Библија)
Ниеден слуга не може да им служи на два господара; зашто, или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го љуби; или ќе се приврзе кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да Му служите на Бога и на мамона!”
(Лука 16:13 ; Библија)
Возљубени, да се љубиме еден со друг, зашто љубовта е од Бога и секој кој љуби од Бога е роден и Го познава Бога. А кој не љуби, не Го познава Бога, зашто Бог е љубов.
(1 Јованово 4:7,8 ; Библија)
Оние, кои се во телото, не можат да Му угодат на Бога. Но вие не сте во телото, туку во Духот, ако Божјиот Дух навистина живее во вас. Но, ако некој Го нема Христовиот Дух, не е Негов. А ако е Христос во вас, тогаш телото е мртво заради гревот, а духот е жив заради правдата. Ако навистина во вас живее Духот на Оној, Кој Го воскресна Исуса од мртвите; Оној Кој Го воскресна Христа, ќе ги оживи и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас. Според тоа, браќа, не сме му должници на телото, за да живееме по телото.
(Римјаните 8:8-12 ; Библија)
А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, трпението, љубезноста, добрината, верноста, кротоста, самоконтролата; нема закон против вакви нешта.
(Галатјаните 5:22-23 ; Библија)
Затоа и ние, имајќи околу себе толкав облак сведоци, да ги положиме настрана: секое бреме и гревот кој нè сплеткува лесно и да трчаме со трпение на трката што ни е поставена пред нас; гледајќи во Исуса, Почетникот и Исполнителот на нашата вера, Кој, поради радоста што беше пред Него, го претрпе крстот, презирајќи го срамот, и седна оддесно на Божјиот престол.
(Евреите 12:1- 2 ; Библија)
Благодарете за сè, зашто тоа е Божја волја за вас во Христа Исуса!
(1 Солунјани 5:18 ; Библија)
Не грижете се за ништо, туку во сè преку молитва и молба со благодарност искажувајте ги своите просби пред Бога! И Божјиот мир, што го надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Христа Исуса.
(Филипјаните 4:6,7 ; Библија)
Туку ќе примите сила кога Светиот Дух ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци како во Ерусалим, така и во цела Јудеја, и во Самарија, и сè до крајот на земјата.”
(Дела 1:8 ; Библија)
Тогаш Исус им се приближи и им рече: „Дадена Ми е сета власт на небото и на земјата. Така одејќи, направете ги сите народи Мои ученици, крштавајќи ги во името на Таткото и Синот и Светиот Дух! Учејќи ги да пазат сè што Сум ви заповедал! И еве, Јас Сум со вас во сите дни до свршетокот на светот. Амин!”
(Матеј 28:18-20 ; Библија)
Зашто нашата борба не е против крвта и телото, туку против началствата, против властите, против светските владетели на темнината на овој век: против духовните сили на злото во небесните места.
(Ефесјаните 6:12 ; Библија)
И Тој ми рече: „Доста ти е Мојата благодат, зашто Мојата сила се покажува совршена во слабоста.” Затоа, со поголема радост ќе се фалам во своите слабости, за да се всели во мене Христовата сила.
(2 Коринтјани 12:9 ; Библија)
Ќе ви дадам ново срце, и ќе вдахнам нов дух во вас! Ќе го извадам каменото срце од вашето тело и ќе ви дадам срце од месо. Ќе го вложам Мојот Дух во вас внатре, за да одите по Моите закони и за да ги пазите и вршите Моите наредби.
(Езекиел 36:26-27 ; Библија)
Сите оние, кои ги води Божјиот Дух – тие се Божји синови.
(Римјаните 8:14 ; Библија)
Зашто ние не мислиме на она што е видливо, туку на она што е невидливо; зашто видливите работи се поминливи, а невидливите се вечни.
(2 Коринтјани 4:18 ; Библија)
Затоа ве молам, браќа, заради Божјата милост, да ги принесете вашите тела во жива, света и угодна жртва на Бога, тоа да биде ваша разумна служба. Немојте да се прилагодувате со овој свет; туку, преобразувајте се преку обновувањето на вашиот ум, за да можете да ја дознаете која е добрата, угодна, и совршена Божја волја!
(Римјаните 12:1-2 ; Библија)
Со Христа сум распнат на крстот; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене: а животот што сега го живеам во телото, го живеам преку верата во Божјиот Син, Кој ме возљуби и Се предаде Себеси за мене.
(Галатјаните 2:20 ; Библија)
Тој треба да расте, а јас да се смалувам!
(Јован 3:30 ; Библија)
Одговори: „Уште две илјади и три стотини вечери и утра; тогаш Светилиштето ќе биде очистено.”
(Даниел 8:14 ; Библија)
Тука е трпението на светите, кои ги пазат Божјите заповеди и верата во Исуса.
(Откровение 14:12 ; Библија)
Радувајте се секогаш во Господа! Пак велам: радувајте се! Вашата кротост да им биде позната на сите луѓе! Господ е близу. Не грижете се за ништо, туку во сè преку молитва и молба со благодарност искажувајте ги своите просби пред Бога! И Божјиот мир, што го надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Христа Исуса.
(Филипјаните 4:4-7 ; Библија)
Оној, Кој го сведочи ова, говори: „Да, доаѓам скоро!” – Амин! Да дојди! Господи Исусе! Благодатта на нашиот Господ Исус Христос со сите вас. Амин!
(Откровение 22:20-21 ; Библија)