[Патот кон Христа – тринаесето поглавје]

Божјите деца се повикани да бидат Христови претставници откривајќи ја Господовата доброта и милост. Како Исус што ни го открил нам вистинскиот карактер на Отецот, така и ние мораме да му го откриеме Христа на светот кој уште не ја запознал неговата нежна и милосрдна љубов. „Како што ме прати ти мене на светот“ – кажува Исус – „и јас ги пратив нив во светот.“ „Јас во нив а ти во мене… та светот да знае дека ти ме прати“ (Јован 17,18.23). Апостол Павле им кажува на Исусовите ученици: „Зашто е очигледно дека сте Христово писмо“, „кое го познаваат и го читаат сите луѓе“ (2 Коринќаните 3,3.2). Во секое свое дете Исус му праќа послание на светот. Ако сте вие Христов следбеник, Тој во вас му праќа писмо на семејството, на местото, на улицата во која живеете. Исус, кој живее во вас, сака да им проговори на срцата на оние што уште не го познаваат. Можеби тие не ја читаат Библијата, или не го слушаат гласот што им зборува од нејзините страници; тие не ја гледаат во Божјите дела неговата љубов. Но ако сте вие вистински Христов претставник, може да се случи преку вас да бидат наведени да сфатат барем дел од неговата доброта и да бидат придобиени да го љубат и да му служат.

Христијаните се поставени да бидат светлоносци на патот кон небото. Тие треба да му ја одблеснуваат на светот светлината со која ги осветлил Христос. Тие треба да живеат таков живот и да развијат таков карактер, што другите, гледајќи ги нив, да стекнат правилно мислење за Христа и за неговата служба.

Ако навистина го претставуваме Христа, тогаш нашата служба, што му е посветена нему, ќе биде вистински привлечна. Христијаните, чијашто душа е полна со меланхолија и тага, кои се жалат и мрморат, погрешно го прикажуваат Бога и христијанскиот живот пред своите ближни. Тие оставаат впечаток дека на Бога не му е мило неговите деца да бидат среќни и со тоа лажно сведочат против нашиот небесен Отец.

Сатаната ликува кога ќе ги наведе Божјите деца на неверство и малодушност. Тој ужива кога ќе види дека немаме доверба во Бога, кога се сомневаме во неговата готовност и сила да нè спаси. Нему му е мило кога ќе нè наведе да мислиме дека Бог со делата на своето провидение ќе ни нанесе штета. Сатаната се труди Господа да го претстави како суштество без милост и љубов. Тој ја искривува вистината за Бога. Нашите мисли ги окупира со погрешни сфаќања за Бога; и, наместо да се занимаваме со вистината за нашиот небесен Отец, премногу често нашиот ум го вработуваме со она што го измислил сатаната за него и го срамотиме Бога со нашата недоверба и мрморење против него. Сатаната постојано се обидува верскиот живот да го стори мрачен. Тој би сакал да го прикаже мачен и тежок, па кога христијанинот во својот живот покажува таков вид религија, тој со своето неверување ја потпира лагата на сатаната.

Мнозина, одејќи по својот животен пат, се занимаваат со своите грешки, неуспеси и разочарувања, и нивните срца се полни со болки и со обесхрабрувања. Додека престојував во Европа, ми пиша една сестра која токму тоа го правела и била во длабок очај. Бараше да ѝ упатам некој збор со кој ќе ја охрабрам. Ноќта, откако го прочитав писмото, сонив дека се наоѓам во градина низ која ме водеше нејзиниот сопственикот по нејзините патеки. Берев цвеќе и уживав во неговиот мирис кога таа сестра, која одеше покрај мене, ми обрна внимание на некои грди трње што ѝ пречеа при одењето. Поради тоа се жалеше и тажеше. Таа и не одеше по патеката, да го следи водачот, туку низ повитот и трњето. „О!“ – се жалеше таа – „зар не е жално што оваа прекрасна градина е нагрдена со трње?“ Водачот ѝ одговори: „Остави го трњето на мир, зашто тоа само ќе те рани! Бери ги трендафилите, криновите и каранфилите!“

Зар во вашето искуство немало и некои светли точки? Зар не сте доживеале некои драгоцени мигови кога вашето срце треперело од радост, оѕвивајќи се на тој начин на Божјиот Дух? Кога повторно ќе погледнете на поглавјата на вашето животно искуство, зар не наидувате и на некои угодни страници? Зар по должината на вашиот пат не растат на секој чекор Божји ветувања слични на миризливо цвеќе? Зар нема да дозволите нивната убавина и милина да го исполнат вашето срце со радост?

Повитот и трњето само ќе ве рануваат и жалостат; и ако го берете и само тоа им го покажувате на другите, зар нема на тој начин да ја презрете не само Божјата доброта, туку и другите околу себе да ги спречите да одат по патеката на животот?

Не е мудро да ги собираме сите непријатни спомени од минатото – неправдите и разочарувањата – да разговараме и да се жалиме на нив сè додека не нè совлада обесхрабрување. Обесхрабрената душа е полна со мрак; таа ја отстранува божествената светлина од своето срце и фрла сенка на патот на другите.

Да му заблагодариме на Бога за блескотните сцени што ни ги покажал. Да ги собереме сите благословени докази на неговата љубов за постојано да можеме да го гледаме Божјиот Син како го напушта престолот на својот Отец, облекувајќи ја својата божествена природа со човечка за да може да го избави човекот од силата на сатаната; неговата победа заради нас, која на човекот му го отворила небото и на човечкиот поглед му овозможила да навлезе во просторите во кои живее Божеството и ја открива својата слава; грешниот род издигнат од понорот на пропаста во кој го турнал гревот и повторно доведен во врска со бесконечниот Бог, и откако ја издржал божествената проба со вера во нашиот Откупител, облечен во Христова праведност и издигнат на неговиот престол – тоа се сцени за кои Бог сака да размислуваме!

Кога оставаме впечаток дека се сомневаме во Божјата љубов, дека немаме доверба во неговите ветувања, ние го срамотиме Бога и го жалостиме неговиот Свети Дух. Како би се чувствувала една мајка кога нејзините деца постојано би се жалеле против неа, како да не им сака добро, а таа во текот на целиот свој живот се трудела да ги заштити нивните интереси и да ги опкружи со љубов? Да си претпоставиме тие да се посомневаат во нејзината љубов – тоа би го скршило нејзиното срце! Како би се чувствувал кој и да е родител кога децата би постапувале така со него? А што може да мисли нашиот небесен Отец за нас кога немаме доверба во неговата љубов која го навела да го жртвува својот единороден Син за ние да имаме живот? Апостолот пишува: „Оној кој не го поштеди ни сопствениот Син, туку го предаде за сите нас, како не ќе ни подари и сè друго?“ (Римјаните 8,32). А сепак, колку има такви кои кажуваат, ако не со зборови тогаш со своите дела: „Со тоа Бог не мислел на мене. Можеби Тој ги сака другите, но не и мене!“

Сето тоа ѝ нанесува штета на вашата душа, зашто со секој сомничав збор вие го повикувате сатаната да ве искушава; таквиот збор ја засилува кај вас склоноста кон сомневање, со него ги ожалостувате ангелите кои ви служат. Кога сатаната ве искушава, немојте да изговорите ниту еден сомничав или мрачен збор. Ако решите да ја отворите вратата за неговото дошепнување, вашиот ум ќе биде исполнет со недоверба и со бунтовни сомничења. Ако ги изразите своите чувства, секое сомневање што сте го изговориле не само што остава трага врз вас, туку станува семе што ќе ‘рти и ќе донесува род во животот на другите, и можеби никогаш не ќе може да се поништи влијанието на вашите зборови. Можеби вие сами ќе успеете да се закрепнете од нападите на искушенијата и да се извлечете од стапиците на сатаната, но другите, кои се поколебале под вашето влијание, можеби не ќе можат да му се противстават на неверството со кое сте ги вдахнале. Колку е тогаш важно да го зборуваме само она што влева духовна сила и живот!

Ангелите внимателно го слушаат она што му го зборувате вие на светот за својот небесен Учител. Затоа зборувајте за него како за Оној кој живее да ве застапува пред Отецот. Кога се ракувате со пријателот, од вашите усни и од вашето срце нека се слушне фалење на Бога. Тоа неговите мисли ќе ги насочи кон Исуса.

Сите имаат неволји; болки што тешко се поднесуваат, искушенија на кои тешко им се противставуваат. Немојте за своите тешкотии да им зборувате на смртниците, како што сте и вие, туку изнесете сè пред Бога во молитва. Придржувајте се кон правилото никогаш да не изговарате ниту еден збор на сомневање или обесхрабрување. Со своите зборови на надеж и на света радост, вие можете многу да сторите да го разведрите животот на другите и да ги поддржите во нивните напори.

Многу храбри души, болно притиснати со искушенија, се речиси во опасност да потклекнат во борбата со самите себе и со силите на злото. Немојте да ги обесхрабрите во нивната тешка борба. Разведрете ги со зборови на охрабрување и надеж што ќе им дадат сила да тргнат напред. На тој начин од вас ќе зрачи Христовото видело. „Никој од нас не живее за себеси“ (Римјаните 14,7). Со нашето несвесно влијание другите можат да бидат охрабрени и засилени, или обесхрабрени и оттурнати од Христа и од вистината.

Мнозина имаат погрешни поими за Христовиот живот и карактер. Тие мислат дека на Христа му недостигало топлина и ведрина, дека бил намуртен, остар и невесел. Во многу случаи целото верско искуство е обоено со вакви мрачни гледишта.

Често се зборува дека Исус плачел, а дека не е познато оти кога и да е се насмевнал. Нашиот Спасител навистина бил човек на болката, запознат со тагата, зашто го отворил своето срце за сите човечки страдања. Но, иако неговиот живот бил полн со самооткажување, засенчен со болки и грижи, неговиот дух не потклекнал. Неговото лице не изразувало болка и незадоволство, туку смирена ведрина. Неговото срце било извор на живот; и секаде каде што одел, донесувал одмор и мир, радост и веселба.

Нашиот Спасител бил окупиран со длабоко размислување и необично сериозен, но никогаш не бил мрачен и нерасположен. Оние што го следат него, ќе вложуваат напори да ја постигнат својата животна цел; длабоко ќе бидат свесни за својата одговорност. Лекомисленоста ќе биде совладана; нема да има незауздана забава, неучтиво подбивање, зашто Исусовата религија дава мир што тече како река. Таа не ја задушува светлината на радоста; не ја ограничува веселбата, не навлекува облаци врз блескотното, насмеано лице. Христос не дошол да му служат, туку да служи; и ако во нашето срце е присутна неговата љубов, ние ќе го следиме неговиот пример.

Ако во нашите мисли првенствено се занимаваме со нељубезните и неправедни дела на другите, ќе ни биде неможно да ги сакаме онака како што нè сакал Христос нас; но ако нашите мисли се задржуваат на чудесната љубов и милосрдие што ги покажал Христос кон нас, истиот дух ќе го покажеме кон ближните. Ние треба меѓусебно да се сакаме и да се почитуваме наспроти очигледните грешки и мани. Мораме да се учиме на понизност, да се учиме да не се потпираме на себе, да имаме нежна стрпливост кон грешките на другите. Сето тоа ќе ја отстрани тесноградата себичност и ќе нè стори великодушни и дарежливи.

Псалмистот кажува: „Имај доверба во Господа и прави добро: ќе поживееш на земјата и ќе уживаш во пасиштата на верноста“ (Псалм 37,3). „Имај доверба во Господа!“ Секој ден има свои товари, свои грижи и недоумици; и кога ќе се сретнеме, зошто веднаш сме готови да раскажуваме за нашите тешкотии и неволји? Толку непотребни грижи нè оптоваруваат, толку стравови нè мачат, за такво бреме на маки зборуваме, што некој би можел да помисли дека немаме милостив, нежен Спасител, готов да ги чуе нашите молби и веднаш да ни укаже помош кога ќе ни затреба.

Некои постојано се плашат и измислуваат неволји. Секој ден се опкружени со докази на Божјата љубов, секој ден уживаат во даровите на неговото провидение, но тие не ги забележуваат благословите со кои се опсипани. Нивниот ум постојано се занимава со неугодности за кои се плашат дека ќе ги снајдат; или, и ако се најде некаква вистинска тешкотија, таа, иако малечка, толку ќе ги заслепи нивните очи, што не го гледаат мноштвото дарови за кои би требало да бидат благодарни. Тешкотиите со кои се соочуваат, наместо да ги приближат до Бога, до единствениот извор на помошта, тие ги одвојуваат од него, зашто будат немир и незадоволство.

Дали правиме добро што сме толку неверни? Зошто би требало да бидеме неблагодарни и недоверливи? Исус е наш пријател; цело небо е заинтересирано за нашето добро. Ние не би требало да им дозволиме на недоумиците и грижите на секојдневниот живот да ни ги разјадуваат мислите и да ни го муртат челото. Ако го дозволиме тоа, секогаш нешто ќе ни здодева и ќе ни пречи. Ние не смееме да им се препуштиме на грижите што само ќе нè трошат и исцрпуваат, но нема да ни помогнат да ги поднесеме неволјите.

Можеби имате тешкотии во работата; изгледите можеби ви се сè помрачни, можеби ви се заканува загуба, но немојте да се обесхрабрите; фрлете ги своите грижи на Бога и останете смирени и расположени. Молете се за мудрост разумно да управувате со своите работи и со тоа да ја спречите загубата и пропаста. Сторете сè од своја страна да постигнете поволни резултати. Исус ветил своја помош, но дури кога вие ќе вложите напор. Кога сте сториле сè што сте можеле, потпирајќи се на нашиот Помошник, радосно прифатете го исходот.

Бог не сака неговиот народ да биде преоптоварен со грижи. Меѓутоа, нашиот Господ не нè измамува. Тој не ни кажува: „Не бојте се, нема опасности на вашиот пат!“ Тој знае дека постојат неволји и опасности и затоа со нас постапува отворено. Тој не се занимава со мисли својот народ да го изведе од овој свет полн со зло и грев, туку му покажува најсигурно прибежиште. Тој се молел за своите ученици: „Не барам од тебе да ги земеш од светот туку да ги запазиш од лукавиот.“ Понатаму кажува: „Во светот ќе имате неволји, но бидете храбри – јас го победив светот“ (Јован 17,15; 16,33).

Во својата проповед на гората Христос на своите ученици им дал драгоцени поуки за неопходноста од доверба во Бога. Тие поуки се дадени со цел да ги охрабрат Божјите деца во сите векови и до нашите денови допреле носејќи ни изобилство на совети и утеха. Спасителот на своите следбеници им укажал на птиците во воздухот кои ги пееле своите фалбени песни, неоптоварени со грижни мисли, зашто „тие ниту сеат, ниту жнеат“, а сепак големиот Отец ги задоволува нивните потреби. Спасителот прашува: „Зар вие не вредите многу повеќе од нив?“ (Матеј 6,26). Големиот Старател на луѓето и на животните ја отвора својата рака и ги задоволува потребите на сите свои созданија. Птиците во воздухот не се недостојни за негово внимание. Тој не става храна во нивните клунови, но се грижи за сите нивни потреби. Тие мораат да ги собираат зрната што Тој ги растурил за нив. Тие сами мораат да собираат граѓа за своите малечки гнезда. Мораат да ги хранат своите млади. Тие пеејќи одат на својата работа, зашто „ги храни вашиот небесен Отец“. А „зар вие не вредите многу повеќе од нив“? Зар вие, како интелигентни, духовни суштества, не сте многу поважни од птиците во воздухот? Зар Зачетникот на нашето суштество, Одржувачот на нашиот живот, Оној што нè создал според својот божествен лик, нема да се погрижи за сите наши потреби само ако се потпреме на него?

На своите ученици Христос им укажал на полското цвеќе што израснало во сјај и раскош, болскотејќи со својата едноставна убавина што му ја дал небесниот Отец како израз на својата љубов кон човекот. Рекол: „Погледнете ги полските кринови како растат!“ Убавината и едноставноста на тие цветови, какви што ги наоѓаме во природата, далеку го надминуваат Соломоновиот сјај. Најубавата облека, што ја прави уметникот со својата вештина, не може да го издржи споредувањето со природната милност и со болскавата убавина на цвеќето што го создал Бог. Исус прашал: „И, ако Бог ја облекува така полската трева, што денес е тука, а утре ја фрлаат во печка, нема ли многу повеќе да стори за вас, о маловерни?!“ (Матеј 6,28.30). Ако божествениот Уметник, Бог, на едноставното цвеќе што пропаѓа за еден ден, му дава нежни и различни бои, колку повеќе ќе се грижи за оние што ги создал според своја лика? Оваа Христова поука е прекор за загрижената помисла, за забуната и за сомневањето на неверното срце.

Господ би сакал сите негови деца, синови и ќерки, да бидат среќни, спокојни и послушни. Исус вели: „Ви оставам мир, ви го давам мојот мир. Не ви го давам како што го дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се плаши!“ „Ова ви го реков за да биде мојата радост во вас, а вашата радост да биде целосна“ (Јован 14,27; 15,11).

Среќата што се бара од себични побуди, надвор од патот на должноста, е несигурна, непостојана и поминлива, исчезнува, оставајќи во душата чувство на осаменост и тага. Меѓутоа, службата на Бога донесува радост и задоволство; христијанинот не е оставен да оди по несигурни патишта; не е препуштен на бескорисни жалости и разочарувања. Ако немаме наслада во овој живот, ние сепак можеме да бидеме радосни очекувајќи го животот во иднина.

Но, дури и овде христијаните можат да ја уживаат радоста на заедницата со Христа; тие можат да имаат светлина на неговата љубов, постојана утеха на неговото присуство. Секој чекор во животот може да нè доведе поблизу до Исуса, може да ни даде подлабоко искуство со неговата љубов и да нè приближи до блажениот дом на мирот. Затоа да не ја отфрламе нашата доверба, да бидеме потполно сигурни, посигурни од кога и да е порано. „Довде ни помогна Господ“ (1 Самоилова 7,12), и ќе ни помага сè до крај! Да ги гледаме монументалните столбови, потсетниците на она што го сторил Господ за да нè утеши и да нè спаси од рацете на уништувачот. Живо да си припомнуваме за секое дело проникнато со нежно милосрдие што ни го сторил Бог – за солзите што ни ги избришал, за болките што ни ги ублажил, за грижите што ни ги отстранил, за стравот што ни го растерал, за потребите што ни ги задоволил, за благословите што ни ги излеал – и со тоа да се засилиме за она што нè очекува во текот на остатокот од нашиот поклоненички пат.

Судирот што е пред нас може да ни донесе само нови неволји, но, на она што се одиграло во минатото, како и на она што ќе се случи во иднина, можеме да гледаме и да кажеме: „Довде ни помогна Господ!“ „Додека траат твоите денови, ќе трае и твојата сила!“ (5 Мојсеева 33,25). Неволјата никогаш нема да ја надмине силата што ни е дадена да ја поднесеме. Според тоа, да прифатиме работа таму каде што ќе најдеме, верувајќи дека, без оглед на сè што ќе се случи, ќе ни биде дадена доволна сила да ја поднесеме неволјата.

Наскоро вратата на небото ќе се отвори да ги прими Божјите деца, а од усните на Царот на славата, како најубава музика, ќе се слушнат зборови на благослов: „Дојдете благословени од мојот Отец, наследете го царството што ви е приготвено од создавањето на светот“ (Матеј 25,34).

И тогаш откупените ќе бидат пречекани со добредојде во домот што им го приготвува Христос. Таму нема да им прави друштво сегашниот земен џган, лажливци, идолопоклоници, расипани, неверни, туку ќе се дружат со оние што го победиле сатаната и со божествена помош изградиле совршен карактер. Секоја грешна склоност, секое несовршенство, што ги мачеле овде, се отстранети со Христовата крв и тие се облечени во совршенството и сјајот на неговата слава што далеку го надминува сјајот на сонцето. Од нив зрачи морална убавина, совршенство на Христовиот карактер, далеку надминувајќи го со својата вредност сегашниот надворешен сјај. Тие се без мана пред големиот бел престол, почестени со достоинство и со предимства што им припаѓаат на ангелите.

Гледајќи го ова славно наследство што би можело да му припадне, „каков откуп ќе даде човекот за својата душа?“ (Матеј 16,26). Иако можеби е сиромашен, сепак во себе има богатство и достоинство што светот никогаш не би можел да му ги даде. Душата, откупена и исчистена од гревот, која сите свои благородни способности ги ставила во служба на Бога, има неизмерна вредност; и кога една душа ќе се избави, радоста на небото, во присуство на Бога и на светите ангели, се изразува со песни на света победоносна прослава.

Pin It on Pinterest