Сатаната сака да нè увери дека нашата интимност е грев. Тој знае дека ако може да нè збуни за разликите помеѓу од Бога дадената интимна природа и заробувчкото влијание на похотата, нашите напори да се бориме против гревот ќе бидат саботирани уште пред да излеземе од вратата.

Пред целосно да прифатиме дека воопшто не смее да имаме похота во нашите животи, неопходно е да разбереме што е похота, а што не е. И пред да ја отстраниме похотата од нашите животи – знаејќи со сигурност што треба, а што не треба – неопходно е да разбереме дека интимноста е благослов кој ни е даден од Бога.

Бог навистина знае што прави. „А вие, плодете се и множете се, наполнете ја земјата и подложете ја под себе!” ( Битие 9:7) Бог ја дал оваа заповед на луѓето. И за да не бидат искушани да не би ја послушале оваа задача, Тој нè создал интимно да се привлекуваме. И се разбира, не само заради размножување, туку и затоа што нè љуби и ни посакува уживањето во задоволството на чиста интимност да биде дел од нашиот живот. Во моментот кога ќе ја почувствуваме оваа интимна привлечност нашиот живот повеќе никогаш не е ист. Еден момент од животот си дете а спротивниот пол те нервира. Следниот момент светот се врти наопаку. Хормоните почнуваат да работат, нашето тело да се трансформира, а потребата за интимност почнува да се пумпа во нашите вени. Добредојдовте во пубертетот. Добредојдовте во човештвото.

Бог ни ја дал оваа привлечност за да можеме да бидеме привлечени кон спротивниот пол.  Исто како што ни дал апетит за храна за да не заборавиме да го храниме телото, Тој ни дал и апетит за интимност за да можат мажите и жените да продолжат да бидат заедно во брак, уживајќи во задоволствата што чистата интимност може да ги пружи, и во радоста да имаат потомство. Освен забременувањето, потребата за интимност е на некој мистериозен начин дел од нашата желба да се изградуваме и унапредуваме.

Да се биде интимно суштество со чисти интимни копнежи, е дел од она што значи да се биде човек создаден од Бог. Вистината е дека Исус не дошол да нè спаси од човештвото; Тој влегол во нашето човештво за нè спаси од гревот. Исус не дошол да нè спаси од тоа што сме интимни суштества, туку од власта на похотата која ја уништува нашата интимност.

Затоа е критично да се разбере дека нашта потреба за интимност не е иста што и похотата. На пример не е похота да бидеш интимен во бракот. Не е похота некоја личност да ти изгледа привлечно, или да забележиш дека изгледа убаво. Не е похота потребата за интимност. Клучното во овие примери е како ние одговараме на овие потреби. Да забележите некоја привлечна личност не е погрешно; но да почнете да ја соблекувате со поглед или да развивате фантазија за тоа како би било кога би ја имале, е тоа веќе е похота. Интимните мисли кои наидуваат во вашиот ум не се неопходно похота, но може лесно да станат похота ако одредена мисла ја задржите и почнете да ја развивате.

Ако не ја направиме оваа разлика, нашата борба против похотата ќе биде значително отежната. Од една страна можеме да наоѓаме изговори за грешните мисли и дела како „ова е дел од она што сум“. Што воопшто не е вистина. Од друга страна можеме да бидеме засрамени од нашата потреба за интимност, потреба која Бог ни ја всадил и за која не треба да бидеме засрамени. Двете крајности се трагични грешки.

Кога ќе ги прекршиме Божјите заповеди, срамот е соодветен. Всушност, тој срам може да биде скапоцен дар од Бог. Свесноста дека сме згрешиле, може да предизвика да чувствуваме срам и да нè доведе до покајание.

Но возможно е и личноста да почувствува погрешен срам, кој е резултат од погрешно програмирана совест? Погрешниот срам е срам како одговор на поголемо вреднување на мислењето на другите луѓе, отколку на она што е запишано во Божјата Реч.

Ако вашето воспитување, или погрешно учење, или тешко минато на претходно интимно искуство ве остава да се чувствувате засрамени од аспект на човечката интимност, за која Бог вели дека не е грешна, Тој може да ви помогне да го обновите вашиот ум. Бог може да ви помогне да го усогласите вашиот став за интимноста согласно со Неговиот став. Погрешниот срам може да биде опасен бидејќи ја исцрпува нашата сила за борба против нашиот вистински непријател. Личноста која е засрамена од фактот дека е суштество кое е создадено да биде интимно, со интимни потреби, набрзо ќе се почувствува изнемоштено и беспомошно бидејќи се обидува да надмине нешто повеќе од самата похота – се обидува да престане да биде човек!

Еден начин за ослободување од  погрешниот срам е во молитва да зборуваме со Бога за нашите интимни чувства. Од ден во ден, момент по момент, барајте од Бог да делува во процесот на потчинување на сопствените копнежи на Неговата волја. Ова се интеракции и молитви каде што би требало: Да благодариме на Бога што нè создал со потребата за интимност. Да не бараме да ја отстрани потребата за интимност туку  да ни помогне, во нашите мисли и дела да можеме да бидеме во хармонија со Неговата волја. Во моментите кога целото тело вреска за интимност да бараме од Бога да ги смири нашите копнежи. Постојано да сме свесни дека нашите тела се создадени за  Бога и за светоста, не за похотни гревови. Постојано да сме свесни дека треба да Го прославиме Бога со нашите тела. Бог ги создал нашите тела за да имаме вистинско и трајно задоволство, за нешто повеќе од она што похотата има да го понуди. Да Му благодариме на Бога  за убавината и за нашата способност да ја почитуваме убавината и привлечноста на личноста. Но да се молиме да ја гледаме личноста со чистота наместо со похотни желби. Да бараме Бог да ни помогне да ги гледаме сите луѓе како личности создадени според Божји лик, и да не гледаме со похота на нив.

Отворениот, понизен дијалог со Бог може да го трансформира начинот на кој гледаме на интимноста. Бог не само што сака да ја отфрлиме похотата туку и да бидеме благодарни што ни ја вградил потребата за интимност.

Потенцијалот што постои дека може да се појави неоправдан срам, прави уште поважно јасно да разберме што навистина е похота.

Похотата е интимен копнеж на кој му недотасува почитување и светост. Кога имаме похота ние го земаме интимниот копнеж и го вадиме од почитувањето кон другото човечко суштество и почитта спрема Бог.

Похотата е идолопоклонство и ненаситна желба  која ги отфрла Божјите правила и бара задоволства одвоено од Него. Бог вели: „Не ќе прељубодејствуваш!“ (Излез 20:14); „ Не ќе ги посакуваш: жената на твојот ближен…“  (Излез 20:17). Но похотата ни кажува дека она што го немаме е токму она што ни треба. Похотата го посакува забранетото. Похотата фаќа сè, со своите очи, замисли, тело, срце… сè она за кое Бог рекол „Не“.

Во Библијата, во Јаков 1:14 е запишано: „Туку, секого го искушува неговата сопствена похот, која го влече и го мами.“ А Исус нè учи: „Зашто од срцето произлегуваат: зли мисли, убиства, прељуби, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули.“ (Матеј 15:19)

Само кога јасно ќе го идентификуваме изворот на похотата како самите себе си, само тогаш можеме да превземеме одговорност и да направиме нешто за тоа.

Кога ќе ја избереме похотата, ние свесно го одбиваме Бога: „Имено, Бог не нè призва на нечистота, туку на осветување. Затоа, кој го отфрла тоа, не го отфрла човекот, туку Бога, Кој ви Го дава и Својот Свети Дух.“ (1-во Солунјаните 4:7-8)

Откако Давид направил прељуба со Витсавеа, и дури организирал нејзиниот маж да биде убиен, тој го препознал својот грев како прво и основно против Бога. Тој повикал кон Бога: „Тебе, само Тебе, Ти згрешив и направив што е зло пред Тебе: ќе бидеш праведен кога ќе проговориш, кога ќе пресудиш без прекорување.“ (Псалм 51:4)

Давидовиот грев ги погодил и другите – тој ја обесчестува Витсавеа и го убива нејзиниот сопруг – но во крајна мера тој увидел дека неговиот грев е одраз на бунтовништво против Бога.

Ова е висина не само за прељубата; сите гревови се активно бунтовништво против светиот Бог.

Кога разбираме дека природата на похотата е бунтовништво против Бог; кога ја сфаќаме тежината и сериозноста на природата на гревот, тогаш ние сме мотивирани повеќе од било кога, да продолжиме во живот на чистота.

Во Ефесјаните 5:3 е запишано: „А блудството и секаква нечистота или лакомост, да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светите!“

Но зошто Божјите стандарди се толку високи? Како може Бог да бара од нас да не ни помислиме похотни мисли  кога Тој знае дека нè создал со потреба за интимност?

Една од причините зошто Бог нè повикал да ги исчистиме нашите животи од похотата целосно е поради тоа што Тој знае дека похотата никогаш не останува само на помисла.

Похотата е постојана несвета желба за забранетото. Резултатот е дека на тој начин страста никогаш не може да се угасне. Штом предметот на похотата е постигнат, похотата сака нешто повеќе. Похотата е бесконечен циклус.

Во Ефесјаните 4:19 Павле го опишува бесконечниот круг на похотата. Тој зборува за оние кои се одвратиле од Бога и вели: „Откако го изгубија чувството, тие ѝ се предадоа себеси на разузданоста, за да прават секаква нечистота во лакомост.“

Така, резултатот од похотата е да се продолжи со уште повеќе похота. Колку и да гледаме работи кон кои нè поттикнува похотата, нема да ни бидат доволни. Похотата постојано поттикнува за уште. Никогаш не може да се почувствуваме сити, бидејќи похотата постојано нè прави очајно гладни за уште повеќе. Со похотата сме заглавени во бесконечни потраги на погрешни копнежи – секогаш посегнувајќи по нешто што не може да се дофати.

Бог вели да не ја ни помислиме бидејќи не можеме да бараме од похотата да се стиша. Таа постојано расте. И додека го прави тоа таа нè заробува нас и нашата способност да уживаме во вистински свети задоволства. Не можеме да се пазариме со похотата и да излеземе од неа како победник. Но она што е од исклучителна важност е да ја прифатиме нашата потреба за интимност. И борбата против похотата може да успее доколку го разбереме ова.

Дали идејата за прифаќање на потребата за интимност и борбата со похотата ви се чинат контрадикторни? Тоа е најверојатно затоа што денешната култура ни нуди многу испревртена дефиниција за тоа што значи да се прифати нашата интимност. Денешната култура вели дека да се прифати потребата за интимност значи да се прави сè што ти дојде на ум. А од друга страна, да се отфрли таквата потреба за интимност ја оценуваат како тоа дека не си реален со себеси.

Како христијани прифаќањето на потребата за интимност е сосема поразлично. Христијаните не се потчинуваат на секој импулс за интимност – ниту пак негираат дека имаат потреба за интимност. Наместо тоа ги избираме двете: воздржаност и благодарност. За нас интимната потреба е дел од нашиот живот како што е и нашиот апетит за храна, начинот на кој ги употребуваме парите, нашите пријателства, кариерата, способностите, нашето смејство – сево ова  го предаваме на нашиот Семоќен Бог.

Со други зборови, првилно да ја прифатиме потребата за интимност значи дека мораме да ја потчиниме под власт на Оној кој ја создал. Кога ќе го направиме тоа ние не се бориме против нашата потреба за интимност, ние се бориме за неа. Ние ја спасуваме потребата за интимност од тоа да биде уништена од похотата. Го воздигнуваме нашиот од Бога даден идентитет како суштества кои имаат интимни потреби, со тоа што одбиваме да бидеме заробени во бесконечното незадоволсто на похотата.

Кога ја прифаќаме потребата за интимност и ја сфаќаме како светост, ние сме она што Бог сакал да бидеме. Тој не создал да бидеме свети. Во светоста го пронаоѓаме најдлабокото и најдоброто изразување на  нашата потреба за интимност. И во светоста ја искусуваме вистината за она што Бог го создал. А тоа што Бог создал е најдобро.

Pin It on Pinterest