Што значи за една личност да влезе во врска? Како треба да гледаме на врските? Како навистина треба да изгледа една врска?

Денешницата во која живееме, има поставено модел, како една врска треба да изгледа. Дали некогаш сте подзастанеле да размислите дали овој модел на врски е исправен или не? Дали овој модел ви се допаѓа? Дали сакате и вашата врска да биде според моделот на денешното време?

Да разгледаме некои од главните работи што значи за личноста да влезе во врска и некои од карактеристиките на врските кои најчесто ги среќаваме во врските во нашето општество.

 

Влегувањето во врска го расипува благословот од времето кога треба да се биде сингл

Бог ви дал време кога не треба да бидете во врска. Tоа е еден период од животот кој е неспоредлив во својот потенцијал за изградување, раст, стекнување мудрост и знаење и оформување на карактерот преку помагање на другите. Често пати, младите наместо да се радуваат на ова време кое им е дадено за раст, нетрпеливо избрзуваат и посегнуваат по тоа време за истото да го употребат за врска. Исходот од тоа најчесто е уназадување. Ако ги анализирате врските кои прерано започнале или се од погрешни мотиви, ќе видите какви лоши последици оставиле зад себе. Сценаријата би биле сосема поинакви доколку истите тие личности одлучиле да бидат сами во времето кога требало да се изградуваат.

Кај младите кои се свесни дека е прерано за врска, а сепак се одлучуваат на тој чекор, доаѓа до појава на незадоволство и чувство на вина, поради фактот дека ја злоупотребиле дадената слобода на избор.  Често пати, младите кои се во врска во времето додека треба да се развиваат како сингл, во суштина, на врската гледаат како на средство за да најдат утеха од незадоволствата и фрустрациите низ кои поминуваат. Меѓутоа, влегувањето во врска не само што не ги решава тие проблеми, туку уште повеќе ги закомплицирува.

 

Влегувањето во врска во многу случаи ги одвлекува младите од нивната примарна одговорност за подготовка за иднината

Запоставувањето на вашите сегашни обрвски ќе ве дисквалификува за утрешните одговорности. Да се биде расеан од љубов не е толку лошо, освен ако не треба да правите нешто друго што Бог го очекува од вас да го направите. Една од најлошите тенденции за избегнување од одговорноста е кога се занемарува развивањето на талентите и способностите  дадени од Бог.

Наместо да се подготват себеси во изградување на карактерот, во образованието и искуството, кои им се потребни за да успеат во животот, многумина млади си дозволуваат да се насочат кон давање на себеси во потребите кои ги наложува врската. За одржување на врската потребно е многу време и енергија. Влегувањето во врска може да ве направи да бидете добро момче/ добра девојка за во врска, но дали во тоа време воопшто се потребни тие вештини? Дури и ако сте со личност со која еден ден ќе се венчате, преокупацијата да се биде совршено момче /совршена девојка, всушност, можат да ве оддалечат од она што треба да станете пред да станете сопруг или сопруга.

 

Влегувањето во врска создава вештачка средина за оценување на карактерот на друго лице

Дури и кога се влегува во врска со цел да се склопи брак, личноста кога влегува во врска се труди по секоја цена да му се допадне на партнерот, со што создава  слика за себе која реално не е баш вистинита. Врската само го попречува сознанието за карактерот на личноста со која сакате да го поминете остатокот од животот. Врската создава вештачка средина и вештачко комуницирање помеѓу две лица. Како резултат на тоа, двете личности можат да добијат погрешна слика за партнерот.

Ако ви е забавно со партнерот тоа воопшто не значи дека личноста со која ви е забавно е соодветна за ваш сопружник. Тоа што е забавно не кажува ништо за карактерот на таа личност.

Една од причините поради кои влегувањето во врска е забавно е затоа што со врската се бега од реалниот живот. А она што најмалку им е потребно на личностите кои се во врска е да избегаат од реалноста. Тие треба да се видат себеси во вистинскиот живот помеѓу семејството и пријателите. Тие треба да видат како партнеrот се однесува и работи помеѓу своите. Како се однесува со луѓето кои го/ја познаваат најдобро, како се однесува во ситуациите кога работите не одат многу на добро? Кога размислувате за потенцијален партнер пред сѐ треба да ги видите одговорите на овие прашања.

 

Влегувањето во врска има тенденција да ја прескокне фазата на пријателство, кое е клучно за вистинска врска

Пријателството е опишано како две личности кои одат рамо до рамо кон заедничка цел. Нивниот заеднички интерес ги одржува заедно. Во пријателството се чувствувате слободни да бидете она што сте и можете да правите нешто заедно без претходно да поминете три часа пред огледало, осигурувајќи се дека изгледате совршено.

Дали некогаш сте слушнале како некој вели дека се плаши да влезе во врска со својот најдобар пријател, затоа што се плаши да не го изгуби пријателството. Што всушност оваа личност вели? Луѓето кои даваат вакви изјави, свесно или несвесно, всушност, велат дека влегувањето во врска носи со себе романтични очекувања.

Влегувањето во врска е поставено на основа на романтична привлечност. Главната мисла е: „Јас и ти се привлекуваме, ајде да бидеме заедно.“ Додека пак главната мисла на пријателството е: „Ние сме заинтересирани за исти работи, ајде да уживаме во овие наши заеднички интереси заедно.“ Ако по развивање на пријателството се формира романтична привлечност тоа е дополнителен бонус.

Но, запознавањето „еден на еден“ има тенценција да ги турне момчето и девојката да го прескокнат пријателството и директно да влезат во фаза на романса. Романсата без обврски е измама. Романсата без пријателство е површна. Односот заснован само на физичката привлечност и романтичните чувства ќе трае само додека чувствата траат.

 

Кога физичката привлечност е погрешно сфатена како љубов

Кога момчето и девојката се на состанок, имаат желба да бидат посебни еден за друг и тоа сакаат да го изразат преку физичката привлечност. Но, фокусирајќи се на физичкото може да се направи голема грешка. За жал многу често се помешуваат овие две нешта: вистинска љубов и физичка привлечност, и не се поставува јасна граница што е што, затоа има и лоши последици.

Најнапред се гледа како изгледа личноста и дали физички е привлечна. Следен чекор е интимноста која двете страни ја бараат, бидејќи нивната врска не е заснована на посветеност, на долготрајни обврски, туку двете страни се насочени кон задоволување на моменталните страсти. Двојката не се фокусира на истражување за можен животен партнер, туку нивниот фокус е на тоа колку партнерот може да ги задоволи моменталните потреби. И кога ќе се прескокне фазата на пријателство меѓу паровите, она на што се заснова  врската се телесните привлечности.

Само затоа што усните им се сретнале не значи дека и срцата им се соединиле. И само затоа што двете тела се привлечени едно кон друго, не значи дека двете лица се вистински едно за друго. Физички врската не е еднаква на љубов. Физичката инволвираност може да направи момчето и девојката да се чувствуваат блиски, но кога би ја разгледале својата врска подобро, би виделе дека поврзаноста се знаснова само на страста.

Бог сака во бракот да влезете чисти и Тој тоа го бара за ваше добро. Физичката поврзаност може да доведе до нарушување на перспективата на двајцата и да ги однесе до немудри избори. Бог знае дека ќе ги понесете спомените од минатото и физичката поврзаност со себе во бракот. Тој не сака да живеете со вина и срам.

 

Врската води до интимност, но не и до посветеност

Која е целта на повеќето врски? Најчесто врската се случува со цел да се постигне некое ниво на интимност – две лица да се приближат едно до друго без вистинска намера да бидат посветени едно на друго за долгорочно. Продлабочување на интимноста без дефинирање на ниво на посветеност е крајно опасно. Тоа е како да се качувате на некоја карпа и личноста што е со вас да не е сигурна дека сака да ја превземе одговорноста да го држи вашето јаже. Кога ќе се искачите на две илјади метри, под тој притисок, вашиот партнер не сака да слуша како се чувствувате и му пречи вашето јаже. На ист начин многу луѓе чувствуваат длабока болка откако се отвориле емотивно и физички, за на крајот да бидат напуштени од другите кои изјавуваат дека тие не се подготвени за сериозна посветеност.

Многумина влегуваат во врски затоа што сакаат да уживаат во емоционалните, па дури и физичките придобивки од интимноста без одговорност на вистинска посветеност. Всушност, целата револуција околу влегување во врска е влегувањето во врска да не биде засекогаш, туку само за задоволување на моменталните лични потреби. И ако на тој начин се гледа врската, тогаш површно би изгледала фино, но всушност, овде недостасува јасна цел или јасна дестинација.

Интимната врска е убаво искуство во кое Бог сака да уживате. Но Тој направил исполнувањето на интимноста да е спореден производ на посветеноста базирана на љубовта. Можеби ќе кажете дека интимноста помеѓу момчето и девојката е шлаг на тортата, во врска која е насочена кон брак, но не заборавајте дека Бог ја наменил интимноста исклучиво само за во брак. Интимноста без обврски буди копнежи, емоционални и физички, кои ниедно лице не може праведно да ги исполни.

Ова е еден начин на уништување на некого со подигнување на очекувањата, но не и исполнување на ветувањата. Поттикнување на глад која не може да се задоволи, или поттикнување на нешто што не може да се пружи. Интимноста без обврска е како шлаг без торта, може да биде слатка, но ако го јадете само шлагот ќе направите само да ви се слоши.

 

Врската често го изолира парот од другите витални односи

Според својата дефиниција, влегувањето во врска е фокусирање на еден кон друг. За жал во повеќето случаи остатокот од светот во тој момент за нив двајца, згаснува во позадина. Ако понекогаш сте се почувствувале како трето тркало  додека сте биле на дружење со некој пар, тогаш сигурно знаете за што станува збор. Ова е прашање што мора да се реши бидејќи кога дозволувате еден однос да ги истисне сите други, вие ја губите перспективата.

Во Библијата е запишано: „Не успеваат намерите, каде што нема советување, а се остваруваат каде има многу советници.“ (Пословици 15:22 ; Библија)

Ако одлуките ги донесувате само под влијание на една личност, тогаш сигурно ќе погрешите во вашите одлуки. Ако ја немате дефинирано вашата посветеност, вие сте во голема опасност од изложување на ризик. Особено е опасно ако се изолирате од влијанието на личностите кои ви мислат добро и се грижат за вас. Многумина се нашле во ситуација, откако прекинале со врската да се најдат осамени и отсечени од сите свои пријатели.

Ексклузивното внимание во врската најчесто ја изолира личноста од желбата да се дружи со пријателите кои најмногу ги сака, од членовите на семејството кои најдобро ги познава, дури и од Бог, чијашто волја е далеку поважна од било кој романтичен интерес.

 

Pin It on Pinterest