Дали ви е тешко да вежбате? Дали мразите да станете рано наутро? Дали посакувате да престанете со пушење, да јадете поздраво, да не одите на спиење доцна во ноќта? Повеќето од нас посакуваат да бидат поразлични, да се хранат поздраво, да живеат подисциплиниран живот. Сепак дури и нашите најодлучни напори за промена најчесто завршуваат неуспешно. Повеќето луѓе се сложуваат дека, кога е во прашање здравиот стил на живеење, проблемот не е во знаењето, туку во силата за промена која најчесто недостасува. Од друга страна пак, доколку некој и успее со своја сила најдисциплинирано да ги спроведува сите претходно наведени аспекти од програмот НОВ ПОЧЕТОК, а го занемари духовниот аспект – довербата во Бог, нема да може да живее во полнота. Нашето тело и дух се тесно поврзани – споени, затоа, занемарувањето на духовниот аспект со сигурност ќе се одрази на нарушувањето на целокупната психо-физичка состојба. Неопходно е да Го запознаеме Оној кој може да ни даде сила да бидеме дисциплинирани, Оној кој копнее да нè исцели и да ни даде изобилство на благодат за да живееме осмислен, среќен и благословен живот во мир со Него, со себеси и со другите. Неопходно е да Го запознаеме Дародавецот на здравјето и животот и на секој совршен дар и благослов.

Исус дошол во овој свет за да ни ја открие Божјата љубов, и не само да ни ја покаже Неговата грижа за нас, туку и да ни покаже дека со Негова помош ние треба да се грижиме едни за други. Исус Христос ни дава простување на гревовите, сила да победиме, здравје, мир и спокојство во душата. Барањата и околностите биле најразлични на оние кои Му се молеле за помош, и секој кој дошол кај Него за помош заминал со она што го барал. Оваа помош, ова исцелување важи и за нас денес. Секогаш кога срцата се подготвени да го слушнат Неговото слово – Библијата, Тој ја носи удобноста на Неговото присуство и сигурноста на љубовта на небесниот Татко кон нив.

Исус во Својот живот Го прославил Таткото со тоа што ја извршувал единствено само Божјата волја. Неговиот живот бил постојана самопожртвуваност. Тој Својот живот го поминал служејќи им на сиромашните и оние кои копнееле да научат како да станат дел од Неговото царство. Секогаш трпелив и весел, најголем дел од Своето време го дал за служба на болните и изнемоштените. Сепак, Тој во Своето дело на исцелување ја согледувал можноста да ги имплементира боженствените принципи на вистината во умовите на луѓето. Неговиот план бил да им помогне на луѓето во нивните физички потреби за тие да можат да напредуваат и да служат духовно.

Во секоја прилика и можност, Исус на луѓето околу себе им ги презентирал Светите списи (Стариот Завет). Во поуки и параболи им укажувал за Божјата неизмерна грижи и љубов кон сите нив.

Тој бил Величество на небото, но се понизил Себеси да ја земе нашата човечка природа, за да може да нѐ пресретне онаму каде што сме.

Исус со секого зборувал на таков пријатен, љубезен, симпатичен начин со едноставни зборови така што тие зборови секогаш биле најдобро разбрани.

Неговите упатства биле толку директни, Неговите илустрации толку соодветни, Неговите зборови толку сочувствителни и охрабрувачки, што Неговите слушатели можеле да ја почувствуваат комплетноста на Неговата идентификација со нивните проблеми, интереси и среќа.

Милостив, сочувствителен, Тој одел да ги подигне оние кои се понижени и да им даде утеха на оние кои тагуваат. Каде и да одел со Себе носел благослов и живот исполнет со радост и голема надеж.

Тој служел и помагал на сиромашните, на болните, на потиштените. Нудел физичко и духовно исцелување, голема утеха и помош за секого.

Исус допирал до сирмоашните, но исто така и до богатите на кои очајно им била потребна помош. Со Своето неуморно трпение и сочувствителна услужливост Тој ги среќавал луѓето во нивните потреби. Воопшто не било важно кој е нивниот ранг или статус во општеството, бидејќи Тој не водел посебна политика, ниту пак бил човек од интерес.

Исус не го одминал ниту едно човечко суштество како безвредно, туку се трудел да ѝ даде спасоносен лек на секоја душа. Во секое друштво во кое ќе се најдел, Тој изнесувал поука соодветна на времето и околностите. Секое запоставување или навреда од страна на луѓето кон своите ближни, само уште повеќе ја разбудувале Неговата свест, за тоа колку им е потребно Неговото Божествено и човечко сочувство. Тој се стремел да им влее надеж на најгрубите и на оние, кои најмалку ветуваат уверувајќи ги дека можат да станат беспрекорни; и да развијат карактер со кој ќе посведочат дека се Божји деца.

Овие луѓе честопати се наоѓале во друштво на несреќници, кои потпаднале под власта на сатаната и немале сила да се ослободат од неговите окови. На таквите обесхрабрени, болни, искушувани и паднати души, Исус им упатувал зборови на најнежно сочувство, зборови што им биле потребни и кои можеле да ги разберат. Се среќавал и со оние, кои се бореле лице в лице со непријателот на душите. Таквите ги охрабрувал да истраат, уверувајќи ги дека ќе победат: бидејќи Божјите ангели се на нивна страна и ќе им ја овозможат победата.

Неговото сочувство, љубезност и грижата за нивното добро, прави луѓето да бидат вредни за Неговата доверба. За нивните жедни срца, Неговите зборови биле благослов и подигнувачка сила. Нов импулс бил разбуден, и иако тие можеле да бидат отпаднати, пред нив се отворила можноста за нов живот.

Истиот Исус нѐ повикува и ние да застанеме на Негова страна денес. Тој се обидува да допре и до нас и да ни помогне во нашите потреби. Без оглед на нашето минато, без оглед на слабостите, Тој сака да го прости нашето минато, да ја трансформира нашата човечка слабост со Неговата благодат, опишана во Неговото слово – Библијата. Тој дошол на овој свет за да ни покаже дека со примање на силата одозгора секој може да живее чесен и праведен живот.

Христос никого не занемарува. Секаде каде што има срца отворени да ја примат вистината, Тој е подготвен да им даде насоки. Тој ни Го открива Таткото и службата прифатлива за Него.

Исус Христос бил скриен во Бога и Бог бил откриен во карактерот на Неговиот Син. Доказите за Неговата божественост биле видени во Неговата служба за човештвото кое страда. Не со раскош, ниту пак со рушење на царства – не – Тој така не го воспоставил Своето царство, туку со тоа што им зборувал на срцата на луѓето за живот на милост и самопожртвуваност. Неговата исцелувачка служба е и за нас денес, за да може Неговиот живот да биде наш. Неговата цел е нашето битие да биде задоено со принципите на небото, а потоа како што доаѓаме во контакт со другите да бидеме оспособени да им ја покажеме Небесната светлина и на нив.

Човечките напори во Божјото дело ќе бидат делотворни онолку колку што е голема посветеноста на работникот, оноклу колку што тој ја открива Христовата сила, која го преобразува животот. Ние не можеме а да не се разликуваме од светот, затоа што Бог го ставил Својот печат врз нас, бидејќи преку нас го покажува Својот карактер на љубовта. Нашиот Откупител нѐ покрива со Својата праведност.

Ако сте мајка Бог сака да ги одгледате вашите деца за Него. Дојдете кај Него и кажете Му за вашите потреби, и Тој ќе ви даде сила и благослов, исто како што тоа го направил со мајките кои во тоа време ги донесувале кај Него своите малечки за да ги благослови. Дојдете кај Него за помош, за да може да се подобрите во извршувањето на вашите секојдневни обврски. Насочете ги своите деца кон Божјото слово и со тоа ќе им помогнете да останат на вистинскиот пат. Молете се на Бога насамо, за милост и помош во време на потреба, за да можете да им обезбедите пример на вистинско живеење кои тие копнеат да го видат во вас.

Не смееме да запоставуваме ништо што би можело да биде од полза за некое човечко суштество. Треба да се собира сѐ што би можело да ги ублажи страдањата на гладните од овој свет. Ние треба да живееме од секој Божји збор. Ништо што Бог изговорил не треба да биде изгубено. Не смееме да запоставиме ниту еден збор кој се однесува на нашето вечно спасение. Чудото со лебовите нѐ учи дека сме зависни од Бога. Кога Христос нахранил пет илјади луѓе храната не му била при рака. Божјото провидение го довело Христа во таква положба и Тој зависел од Својот небесен Татко за да ги задоволи потребите на присутните. Така и ние кога ќе бидеме доведени во тесно, мораме да зависиме од Бога. Во секоја неволја треба да побараме помош од Оној, Кому на располагање му стојат бескрајни извори. И не само во неволја, туку воопшто, постојано да зависиме од Него.

Животот на Спасителот на земјата бил живот на заедница со Бога. Во оваа заедница Тој ни ја открива тајната на животот во сила. Во проучување на Библијата, искрена молитва и внимателна послушност, човекот се облагородува и оспособува за исполнување на мисијата во животот. Низ целиот ден Христос им служел на луѓето, но навечер или рано наутро Тој поминувал часови во молитва упатена кон Неговиот небесен Татко. Враќајќи се од времето поминато во молитва, изгледот на мир, свeжина и сила го осветлувало целото Негово битие. Од часовите поминати насамо со Бога, Тој излегувал секое утро за да ја донесе светлината од небото на луѓето. И како што им го отварал на луѓето богатството на вистината, тие биле охрабрени од божествената моќ и инспирирани со надеж и храброст. Од длабочините на Неговото чисто сочувствително срце, добриот Пастир имал само љубов и сочувство за овие неодморeни, жедни души.

Секојдневно одвојувајте време, како што правел Исус, за да бидете насамо со Бога, за исто така да можете да бидете зајакнати во своите сопствени битки со искушението, оспособени да живеете посветен живот и да им послужите на оние кои ве опкружуваат и на кои сте им потребни.

На сите кои се поучуваат од Бога им е потребен тивок час за заедница со Бога. Во нив треба да се открие живот кој не е во храмонија со светот и со неговите навики и дела. Секој поединец треба да има лично искуство во познавањето на Божјата волја. Секој од нас мора лично да го слушне Божјиот глас како му зборува на срцето. Кога сите други гласови ќе замолкнат, и ќе чекаме пред Него во тишина, молкот на душата ќе даде поголема јасност на Божјиот глас. Тој ни заповеда: „Молкнете и разберете дека Јас сум Бог.“ (Псалм 46:10; Библија)

Ова е делотворната подготовка за сите служби за Бога. Оној кој е освежен на ваков начин ќе биде опкружен со атмосфера на светлина и мир, дури и среде забрзаната толпа и напорите на секојдневието. Тој ќе прими нов дар на телесна и ментална сила. Неговиот живот ќе воздивнува со пријатн мирис и ќе ја открива Божјата моќ, која ќе допре до срцата на луѓето.

„Само ако се допрам до Неговата облека, ќе се излечам“, рекла жената со упорна вера и која била исцелена поради таа нејзина голема вера во Исус Христос. (Матеј 9:21.22; Библија) Христос ја согледал нејзината голема потреба и Тој ѝ помогнал во растењето на нејзината вера. Како што Тој поминувал таа посегнала и се допрела до Неговата облека. Во тој момент таа знаела дека била исцелена. Преку контактот со Христос ние сме зајакнати и имаме вистинска помош. Да се верува во Христа, само како Спасител на светот никогаш нема да донсе исцелување. Вистинската вера значи дека ние Го примаме Христа како наш личен Спасител од гревот.

Многу луѓе ја сметаат верата само како начин на размислување. Меѓутоа, спасоносната вера е спогодба, преку која оние што Го примаат Христа, стапуваат во заветна врска со Бога. Живата вера, значи напредок во жвотната сила и цврста надеж, живот на победа преку Христовата благодат.

Постои помош за оние кои се заробени со лоши навики. Таа помош може да биде пронајдена во Христа. Тој може да ги скрши синџирите, да го трансформира умот, и да нѐ преобрази според Божјото обличје. Насочете го својот поглед кон Исуса и Неговата непроменлива сила може да направи за вас многу повеќе од она што самите можете да го направите за себеси. Римскиот стотник дошол да побара помош од Исус, тој не верувал на сопствената моќ, туку на Христовата благодат. Неговиот единствен аргумент била неговата голема потреба. Така е и со нас, на истиот начин и ние можеме да дојдеме кај Него.

Запомни дека Христос дошол на овој свет за да ги спаси грешниците. Ние немаме ништо со што би се препорачале кај Бога; причината поради која ние можеме да бараме сега и во кое било време е нашата целосно беспомошна состојба, поради која Неговата откупителна сила станува неопходност. Отфрлајќи ја сета надеж во себеси можеме да погледнеме кон крстот на Голгота и да речеме: „Јас немам што да Ти дадам, едноставно за Твојот крст се држам.“

„Ако можеш да поверуваш, сѐ е можно за оној што верува.“ (Марко 9:23; Библија) Верата во Христа е таа која нѐ поврзува со небото и ни дава сила да стапиме во борба со силите на темината. Во Христа, Бог обезбедил средства за победа над секоја лоша црта од карактерот и спротивставување на секое искушение, колку и да е тоа силно.

Но многумина чувствуваат дека тие мораат прво самите да се направат „праведни“ пред да можат да дојдат кај Христа. Сепак само Исус може да го прости нашето минато и да ни даде сила да надминеме во иднината. Доаѓајќи кај Него ние ја примаме оваа помош; останувајќи со Него оваа помош продолжува. Не гледајте на себеси туку на Христа. Во вашата беспомошност, предајте се себеси на Него. Тој ќе ве прими и само поради ваша желба би ве оставил. Како што доаѓате врувајте дека Тој ве прифаќа едноставно бидејќи Тој ветил. Никогаш нема да пропаднете ако го правите ова. Кога ние се молиме за земни благослови, одговорот на нашите молитви може да биде одложен, или Бог може да ни даде нешто друго од она што ние го бараме, но не и кога бараме да нѐ ослободи од гревот. Негова волја е да нѐ очисти од гревот, да нѐ направи Негови деца и да нѐ оспособи да живееме свет живот. Бог денес ни вели: „Земете го Мојот јарем на себе и научете се од Мене, зашто Јас сум кроток и понизен по срце; и ќе најдете одмор на своите души.“ (Матеј 11:29; Библија). Сите сме оптеретени со товарот на животот. Тој нѐ повикува да дојдеме кај Него. Само Исус може да го оттргне тој товар. А најтешкиот товар кој го носиме е товарот на гревот. Тој ги знае сите слабости на човештвото, сите наши потреби, сите наши искушенија.

Тој бдее над тебе растреперено Божјо дете. Дали си во искушение? – Тој ќе те ослободи. Дали си слаб? – Тој ќе те засили. Дали си во незнаење? – Тој ќе те просветли. Дали си ранет? – Тој ќе те исцели. Господ „го определува бројот на ѕвездите“, а сепак „ги исцелува оние кои се со скршено срце и ги преврзува нивните рани.“ (Псалм 147:3.4; Библија)

Какви и да се твоите стравови и маки, довери Mу ги на Господа. Тогаш, твојот дух ќе биде засилен за да можеш да издржиш. Пред тебе ќе се отвори пат за да излезеш од збунетоста и маката. Колку мислиш дека си послаб и со помалку сила, толку посилен ќе станеш во Неговата сила. Околностите можат да нѐ разделат од пријателите; неуморните води на широкото море, можат да се брануваат помеѓу нас и нив; Но никакви околности, никаква далечина, не може да нѐ раздели од Спасителот. Каде и да се наоѓаме, Тој е секогаш од нашата десна страна за да нѐ поддржи, поткрепи, охрабри и развесели. Христовата љубов кон откупените е поголема од љубовта на мајката кон нејзиното дете. Ние имаме привилегија и можеме да се одмориме во Неговата љубов, да воскликнеме: „Јас ќе се надевам и потпирам на Него, затоа што Тој го даде својот живот за мене!“

Нашите проблеми, нашите болести, најчесто се резултат на нашите навики. Сепак Бог не нѐ отфрла. Тој нѐ повикува да дојдеме кај Него за Тој да може да ги реши сите наши проблеми на Негов уникатен начин. Решението може да не дојде на начин на кој ние очекуваме. Понекогаш наместо да ни го отстрани проблемот Тој ни дава сила да живееме со него. Во Христа имаме победа и мир, без оглед на околностите на животот околу нас. Немојте да чекате додека да се почувствувате свети. Верувајте во словото на Спасителот. Ставете ја сопствената волја на страната на Христа. Волја да Му служите и да делувате според Неговото слово и ќе добиете сила да го почитувате Неговиот Закон. Која и да ви е лошата навика која ги затемнува и умот и душата, Христос е способен да ве ослободи, верувајте во тоа.

Кога ќе ве нападнат искушенија, кога ќе ве обземат грижи и тешкотии, кога сте малодушни и обесхрабрени, готови да паднете во очај, погледнете кон Христа и темнината што ве опкружува ќе биде растерана од светлината што блескоти од Неговото присуство. Кога гревот се бори за превласт во вашата душа и ја обременува вашата совест, гледајте кон Спасителот. Неговата благодат ни е доволна за да го потчини гревот. Нека вашето благодарно срце, кое трепери од несигурност, се врати кон Него. Исус чека да ве прими во Своето семејство. Неговата сила ќе ја надомести вашата слабост; Тој ќе ве води чекор по чекор. Ставете ја својата рака на Неговата и дозволете Му да ве води. Немојте никогаш да чувствувате дека Христос е далеку од вас, Тој е секогаш близу и секогаш ве опкружува Неговото присуство полно со љубов. Барајте го, како некој, кој копнее да го пронајде. Тој не посакува само да се допрете до Неговата облека, туку и да чекорите во постојана заедница со Него.

Душата која се врти кон Бога се подига над сите проблеми. Христос ќе нѐ обедини со Неговата божествено- човечка природа и со вера ќе застанеме покрај Спасителот во небесните места во светлината која произлегува од Божјиот престол. Додека се држиме за Христа ние сме безбедни во секој момент.

Знаењето за Бога како што е откриено во Неговото слово – Библијата, е знаење што треба да им го дадеме на нашите деца. Од најраните мугри на разумот, тие треба да се запознаваат со името и животот на Исус. Нивните први поуки треба да ги научат дека Бог е нивниот Татко. Нивната прва обука треба да биде обука на љубов и послушност. Со почитување и нежност читајте им ги и повторувајте ги оние делови од Божјото слово што тие можат да ги разберат, прилагодени на нивната возраст и нивниот интерес. И над сѐ, научете ги на Неговата љубов откриена во Христа и на големата поука: „Кога така нѐ засака Бог и ние сме должни да се сакаме еден со друг.“ (1-во Јованово 4:11; Библија)

Понизното и со молитва проучување на Библијта, ја дава силата на Светиот Дух, која го менува карактерот. На тој начин ќе пробате и ќе видите дека Бог е добар и вистинит. Секој ќе може преку своето лично искуство да го прими Неговото сведоштво и да потврди дека Бог е вистинит. „Кој го примил Неговото сведоштво, потврдува дека Бог е вистинит.“ (Јован 3:33; Библија) Ќе може да сведочи за она што самиот го видел, слушнал и почувствувал. Ќе може да сведочи: „Ми требаше помош и ја најдов во Христа. Секоја потреба беше задоволена, жедта на мојата душа е згасната, за мене Библијата е откровение за Христа. Јас верувам во Исуса и за мене Тој е мој Спасител. И верувам во Библијата затоа што открив дека таа е Божјиот глас за моето битие.“

Како што одиме по патот на понизната послушност, исполнувајќи ја Неговата волја, ние ќе сознаваме сѐ повеќe и повеќе од длабоките нешта на Неговото слово. Земете ја Библијата како ваш водич и застанете цврсто за принципите, така може да постигнете повисоко ниво на полезност како слуга на живиот Бог. И како што се развивате во Неговата добрина, Неговата милост и Неговата љубов, сѐ појасна и појасна ќе биде вашата перцепција на вистината. Душата која пребива во чиста атмосфера на свети мисли е трансформирана од постојан контакт со Бога преку проучување на Божјото слово. Нашето „јас“ е изгубено од видот, и ние ќе стануваме сѐ повеќе и повеќе како Оној Кој Го љубиме.

Помеѓу умот и телото постои многу тесна врска; кога едното од нив страда, другото сочувствува. Состојбата на умот има многу поголемо влијание врз здравјето, отколку што многумина воопшто можат да сфатат. Многу болести од кои луѓето страдаат се резултат на ментална депресија. Жалоста, загриженоста, незадоволството, грижата на совест, чувството на вина, неверувањето – сето тоа придонесува за ослабнување на животните сили и води кон уништување и смрт.

Имагинацијата на пациентот честопати ја предизвикува или многу ја влошува неговата болест. Многумина си замислуваат дека секакво лесно изложување ќе предизвика болест и злото што го насетуваат и очекуваат, обично и доаѓа.

Храброста, надежта, верата, сочувството и љубовта го обновуваат здравјето и го продолжуваат животот. Задоволното срце и радосниот дух претставуваат здравје за телото и сила за душата. „Веселото срце е благотворно како лек.“ (Пословици 17:22; Библија)

Постои еден начин кој до ден денес се користи при лекување на умот, кој што истовремено е и еден од најуспешните орудија на злото. Преку оваа таканаречена наука еден ум се доведува под власта на друг, така што личноста на послабиот се стопува во онаа на посилниот. Притоа, една личност ја извршува волјата на друга личност. На таков начин се потврдува дека текот на мислите може да биде променет.

Наместо болните да бидат поучени дека исцелувањето на умот зависи од тоа својот ум да го потчинат под власта на туѓ ум, тие треба да бидат упатени кон Оној, кој го создал човечкиот ум, и Кој знае што е најпотребно за тој ум. Бог може да го спаси и да го поврати изгубеното здравје.

Многу често сочувството и тактичноста претставуваат поголем благослов за болниот, отколку најстручните методи за лекување применети на студен и рамнодушен начин.

Силата на волјата не се вреднува така како што би требало. Волјата треба постојано да се поттикнува и правилно насочува затоа што таа му дава енергија на целото битие и претставува чудотворна помош во одржувањето на здравјето.Таа исто така претставува сила и во борбата против болеста. Правилно насочена таа ќе владее над имагинацијата и ќе претставува моќно средство во спротивставувањето и победувањето на болеста на умот и телото.

Ништо не придонесува повеќе за оздравување на телото и душата од духот на благодарност и оддавање слава на Бога. Исто колку што сме должни да се молиме, должни сме и да пружиме отпор на малодушноста и чувството на незадоволство.

Постои само еден Извор за траен мир и спокојство на духот. На него мислел Исус кога рекол: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам.“ (Матеј 11:28; Библија) „Мир ви оставам; својот мир ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот.“ (Јован 14:27; Библија) Овој мир не е нешто што Исус би можел да ни го даде независно од Себе. Тој е во Христа и ние можеме да го добиеме единствено доколку Го примиме Него. Кога топлите зраци на Божјата љубов ќе ги осветлат темните одаи на душата, уморот и незадоволството ќе исчезнат, а радоста и задоволството ќе му дадат виталност на умот и здравје и енергија на телото.

Божјиот план за секој од нас е поголем од она што можеме да го замислиме. Патот до вечноста се наоѓа во Библијата. Само таму ќе ја пронајдеме вистината која може да го спаси човекот, да ја донесе Христовата сила во живот, и да нѐ оспособи секој од нас да триумфираме над силата на сатаната.

Pin It on Pinterest