Секоја доктрина сумирана во евангелието.
Состојбата на човекот без Бог.

Оваа книга е една од најубавите во Библијата. Во шеснаесет предавања кои се пред нас, можеме само во најкратки црти да допреме до општиот преглед на оваа книга. Очекуваме да наидеме на работи кои не можеме да ги разбереме, токму како што не можеме да разбереме како бесконечниот Бог ја одржува вселената „со Својот моќен збор“ (Евреите 1:3). Веруваме во она што не можеме да го разбереме – бидејќи Бог вели така. Кога на овој начин пристапуваме на проучувањето на Библијата, себеси се ставаме во положба во која Бог може да ни ги открие и објасни тајните на Својот збор.

1 Павле, слуга на Исуса Христа, повикан за апостол, одделен за Евангелието од Бога, 2 кое Тој го вети однапред преку Своите пророци во Светите писма, 3 а кое зборува за Неговиот Син, по тело роден од Давидовото семе, 4 по Духот на осветувањето посведочен за Божји Син во сила – преку воскресението од мртвите – Исус Христос, нашиот Господ; 5 преку Кого добивме благодат и апостолство, за да ги приведеме сите народи, кон послушноста на верата, заради Името Негово, 6 меѓу кои сте и вие повикани од Исуса Христа, 7 – до сите возљубени од Бога, повиканите свети, кои се во Рим: благодат вам и мир од Бога нашиот Татко и од Господа Исуса Христа. 8 Пред сè Му благодарам на мојот Бог преку Исуса Христа за сите вас, зашто за вашата вера се зборува по целиот свет.9 И Бог, Кому Му служам со својот дух во објавувањето на Евангелието за Неговиот Син, ми е сведок дека постојано си спомнувам за вас 10 секогаш во моите молитви, да успеам барем еднаш, по Божја волја, да дојдам при вас; 11 зашто сакам да ве видам, да ви дадам некој духовен дар за ваше зацврстување, 12 односно: меѓу вас, заедно со вас, да најдам утеха преку заедничката вера – вашата и мојата. 13 Не сакам, браќа, да ви остане непознато, дека многупати имав намера да дојдам при вас – но бев спречуван досега – за да имам некој плод и меѓу вас, како и меѓу другите народи. 14 Јас сум им должник и на Грците и на варварите, и на мудрите и на неразумните. 15 И така, доколку е од мене, готов сум да ви го проповедам Евангелието и вам, кои сте во Рим.
(Римјаните 1:1-15 ; Библија)

Од овие петнаесет воведни стихови, првите седум опфаќаат поздрави, а во останатите осум се наоѓаат некои лични образложувања (апостол Павле ги образложува своите постапки). Сепак, во овие стихови се наоѓаат некои од најдрагоцените пасуси во Библијата; како што е на пример дванаесетиот стих, каде што апостол Павле изјавува дека, при посетата на црквата, тој не очекува само да ѝ служи на црквената заедница, туку и таа да му биде од помош. Обете страни треба да бидат утешени „преку заедничката вера“. Ваквата изјава не наговестува состојба во црквата во која проповедникот мора да троши енергија за исправање на грешките и за решавање на несогласувањата помеѓу браќата.

16 Зашто, јас не се срамам од Евангелието, бидејќи тоа е Божја сила за спасение на секој кој верува, првин за Јудеецот, а и за Гркот. 17 Зашто во него се открива Божјата правда, од вера во вера, како што е напишано: „Праведникот ќе живее од верата.”
(Римјаните 1:16-17 ; Библија)

Во стиховите 16 и 17 се наоѓа самиот текст на посланието. Целата книга не претставува ништо друго туку детално проширување на овие два стиха.

Во преостанатите стихови од ова поглавје наидуваме на изјава за Божјата праведност во казнувањето на злите луѓе и последиците на одвојувањето од Бог. Склони сме да размислуваме во овој правец: имено, дека ја имаме тројната ангелска вест, која се состои од систематизирана вистина која опфаќа предмети како што е законот, саботата, природата на човекот, второто Христово доаѓање, итн., а на сето тоа сме додале и малку евангелие, идеја за оправдание по вера. Сепак постои само една доктрина која треба да ја проповедаме, а тоа е евангелието Христово (Марко 16:15-16). Нам ни е даден овој налог. Оние кои ќе поверуваат во евангелието ќе бидат спасени. Зарем нема ништо покрај евангелието кое би требало да се поучва? „Тоа е Божја сила за спасение“. Што сакаме покрај спасението? Што повеќе би можеле да бараме?

Евангелието донесува праведност. Божјата праведност е тоа што Бог го чини; таа претставува Негов пат. Да се биде во склад со Него, не значи ништо друго туку Неговиот пат да се направи сопствен пат. Евангелието ни го открива тој пат  (Римјаните 1:17) и не само тоа, туку евангелието е сила Божја преку која Неговиот пат се спроведува во нас. Библијата е еден извештај за Божјиот пат, кој што е сумиран во 10-те Божји заповеди, кои претставуваат изјава за Неговата праведност (Исаија 51:6-7). Во евангелието по Матеј 6:33, Христос изјавува дека единствено оваа праведност е потребна. Зошто? Праведноста е живот и човекот кој ја има Божјата праведност има сè во овој свет и во светот кој ќе дојде.

СТИХ 17:
Овде имаме праведност преку вера. „Праведникот ќе живее од верата.” Ништо повеќе? Од вера и од дела? „Не додавај им ништо на Неговите зборови, за да не те изобличи и да не те смета лажлив.“ (Изреки 30:6). Да се биде исправен значи да се биде праведен, а праведен човек ќе чини праведни дела. Тоа е плод на праведноста. Но како човек чини праведни дела? Преку вера. Јован 6:28-29: „Божјото дело е ова: да верувате“. Можеби сме имале премногу ограничена претстава за тоа што е вера.

„Праведникот ќе живее од верата.” Во ова се состои целата работа. Ништо не може да биде додадено на проповедањето на Божјата праведност преку вера во Исус Христос. Што е со другите доктрини, како саботата, состојбата на мртвите и други? Како што „царството Божјо и Неговата правда“ е единственото што нам ни е потребно и како што не постои ништо неважно во Библијата, сите тие доктрини се едноставно линии на разграничување кои зависат од оваа единствено потребна работа – и сите тие се сумирани во доктрината за оправдание (праведност) преку вера. Не можеме да проповедаме ништо друго, бидејќи се друго надвор од ова е грев.

18 Зашто Божјиот гнев се открива од небото на секоја безбожност и неправда на луѓето, кои со неправдата ја задржуваат вистината;
(Римјаните 1:18 ; Библија)

СТИХ 18:
Гнев се открива на оние кои „со неправдата ја задржуваат вистината“. Поврзете го овој стих со Римјаните 10:3. Бог е жив Бог. Неговиот престол е жив престол. Таму е водата на животот и дрвото на животот – сè е живот. Затоа неговата праведност е активна, жива. Некои, не познавајќи ја оваа праведност одбиваат да ѝ се потчинат и ѝ се спротивставуваат. Бог ќе казни некои луѓе. Зошто? Бидејќи тие се поистоветиле себеси со неправедноста. Тие се проткаени со неа и бидејќи гревот мора да биде уништен – тогаш ќе ги повлече и нив со себеси. Тоа едноставно значи дека Бог не гледа кој е кој.

19 зашто ним им е познато она што може да се знае за Бога; Бог им го јави тоа. 20 Па и Неговите невидливи својства, Неговата вечна сила и Божеството, можат да се согледаат од создавањето на светот, набљудувани преку творбите. Па така немаат изговор.
(Римјаните 1:19-20 ; Библија)

СТИХОВИ 19 и 20:
Дали Бог е неправеден? Не, бидејќи уште од создавањето Неговите дела сведочеле за Него. На мнозина им е познато дека светот неможел да се создаде сам од себе, тоа „може да се согледа“.

21 Зашто, иако Го познаа Бога, не Го прославија како Бог, ниту покажаа благодарност; туку станаа суетни во своите мисли и нивното неразумно срце се помрачи. 22 Зборувајќи дека се мудри, станаа безумни, 23 и ја заменија славата на нераспадливиот Бог со слика слична на распадлив човек, на птици, на четвороножни животни, и на лазачи. 24 Затоа Бог ги предаде, според желбите на нивните срца, на нечистотата, така што сами да ги обесчестат своите тела; 25 нив, кои Божјата вистина ја заменија со лага, и му се поклонуваа и служеа на созданието место на Создателот, Кој е благословен довека, Амин! 26 Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: нивните жени го заменија природното општење со неприродно; 27 мажите, исто така, го оставија природното општење со жена и се распалија со сладострасност еден кон друг, правејќи – мажи со мажи – срамни работи, добивајќи заслужена плата во себе за својата заблуда. 28 И бидејќи не се обидоа да Го имаат Бога во нивните мисли, Бог ги предаде на нивниот изопачен ум, за да прават што не прилега: 29 исполнети со секаков вид неправда, расипаност, алчност, зло; полни со завист, убиства, расправии, лукавства, подмолност; озборувачи, 30 клеветници, мразители на Бога, насилници, горди, самопофалувачи, измислувачи на зла, непокорни на родителите, 31 неразумни, неповерливи, без љубов и без милосрдие. 32 Тие ја знаат Божјата правда: дека оние, кои прават така, заслужуваат смрт, па сепак не само што го прават тоа, туку им одобруваат и на другите, кои прават.
(Римјаните 1:21-32 ; Библија)

СТИХОВИ 21-32.
Како се случува тоа луѓето да не знаат? Постојат толку многу работи кои тие ги знаат. „Зборувајќи дека се мудри, станаа безумни“. Најнеразбирлива работа во вселената е човечкиот разум. Пред Бог тоа е потполна лудост (1-во Коринтјаните 1:19-31).

Павле вели дека оние кои прават работи кои што се опишани во последниот дел од првото поглавје од посланието до Римјаните, знаат дека заслужуваат смрт и не може да се најде човек кој не го знае тоа. Паганизмот (многубоштвото, незнабоштвото) за кое Павле зборува, како што било случај во Атина и на други места, не подразбирало незнаење кога се во прашање работи од овој свет. Тој (свет) величал луѓе чија дела во уметноста и науката се проучуваат до денес. Човек може да има сознание без Бог, токму како што тоа може и животно; па во што е разликата, освен во степенот на сознание? Не постои мудрост одвоена од Бога. Тоа е она што Павле мисли кога вели: „Пазете да не ве зароби некој со философија… според стихиите на светот, а не според Христа.“ (Колосјаните 2:8). А исто така и во 1-во Коринтјаните 1:18 и Колосјаните 2:3.

Слушаме многу за „природна морланост“ или „научна моралност“ – моралност која е заедничка за сите луѓе. Тоа е она што Павле го опишува овде. Таа претставува паганизам. Популарното сфаќање за тоа што е паганизам е погрешно. Паганин е човек кој не го познава Бога. Тој може да биде религиозен, но Бог не е извор на неговата мудрост. Во Евангелието по Марко 7:22-23, Христос го опишува изворот на „природната моралност“. Срцата на сите луѓе се слични; составени сме од една крв за да би живееле на земјата. Пагани се луѓе кои ги прават работите за кои Павле зборува во првото поглавје од посланието до Римјаните, без разлика каде да живеат. Луѓето од Америка или Англија кои се поведуваат по своите природни склоности (Галатјаните 5:19-21), не се подобри од оние кои ги прават истите работи во Кина.

Споредете 2-ро Тимотеј 3:1-7 со последниот дел од Римјаните 1. Тие се скоро идентични. Тоа значи дека луѓето во последните денови ќе бидат отворени пагани – препуштајќи се на делата на телото. Ова ни помага во објаснувањето на многи делови од Стариот завет во кои Бог зборува за судот над паганите. Тоа значи дека сите кои ќе бидат уништени всушност ќе бидат пагани. Кои се пагани? Римјаните 2:1 „ти кој судиш, го правиш истото“. Дали некогаш сме направиле нешто за што би се срамеле да зборуваме? Тогаш во што сме се разликувале од паганите? Овде имаме добра подлога за евангелието. Срамота е да зборуваме за тие работи кои сите ние сме ги направиле во тајност, но „јас не се срамам од Евангелието, бидејќи тоа е Божја сила за спасение на секој кој верува“ (Римјаните 1:16).

Pin It on Pinterest